Дејвид Линч на еден субкултурен начин преку ова свое мајсторско дело успева да допре до врвот на светската мејнстрим филмска публика, иако е дискутабилна таа негова намера, колку и да сакаме да мислиме дека фимовите се прават за да бидат погледнати од одредена целна публика.
Филм внатре во филмот, сон во сонот, реалност надвор од самата себе... На моменти страшен фаталистички лајт мотив на широко присутно чувство на загрозеност, себепреиспитување и потреба од конфирмација на сопствениот идентитет на личноста.
Дејствието на филмот започнува како сон, за да заврши со нечија смрт. Она што на почетокот се чини девствена наивност, на крај завршува со чувство на вина која завршува трагично, во хаосот на сопствената бојазност од неуспех и промашено чувство на припадност, предизвикано од љубовта кон сопствената естетска фигура на полност.
Во филмот исто така е застапен своевиден револт на авторот од медиокритетските вредности во кои е забегана целокупната филмска индустрија, илустрирајки ги на перфектно суптилен начин и причинителите за ваквите состојби. Невидливите мајстори на контролата и манипулацијата, без разлика на цената во механизмот на парите наоѓаат своја поткрепа во плашливоста и неодлучноста на носителите на уметничкиот израз, притоа не срамејќи се да уценуваат, да се закануваат и да убијат ако треба...
Потоштеноста на индивидуалецот, без разлика на неговата енергија, решителност и младешки соништа, неминовно завршува како жртва во челуста на општествените норми независно на нивната оправданост и целисходност.
Од лична перспектива како гледач би можел да кажам дека станува збор за филм кој по првото негово гледање ме направи толку немоќен што ме тераше да пцујам, колнам, удирам во предмети, кршам. Впрочем како и целокупната публика што заедно со мене излегуваше од некогашното кино "Култура" во Скопје. Многумина останаа вчудоневидени од дрскоста, уште повеќе беа запрепастени од парадоксалноста на сценариото, во глобала сите негодуваа, а многу малкумина посакаа овој фим повторно да го погледнат. Помеѓу овие последните сум и јас (вашиот рецензент) кој со нетрпеливост го чекаше пиратското издание на филмот на VHS касета.
Пишувајќи за филмот од денешна дистанца на временска детерминираност, забележувам дека имам многу што да кажам за истиот... Притоа јазикот кој го користам е невообичаен дури и за мене, како рецензент...
Не е едноставно да се објасни сцената кога еден случајно избран каубој под оскудноста на една единствена светилка на крајот од кој знае каде, се обидува да стави разум во нештата онаму каде истиот е непотребен.
Затоа само би рекол, не одолговлекувајте.... Не калкулирајте со својата немоќ за спознание на вистинските "Вас"...
Секој од нас сам си го трасира сопствениот "Булевар на ѕвездите"...
Погледајте го филмот, не очекувајте премногу, затоа што можете да "заглавите" онаму каде што пред вас никој жив не претстојувал....
Премиера: Октомври 19, 2001 (USA)
Режисер: David Lynch
Времетраење: 2h 27m
Сценарио: David Lynch
- Актерска екипа
No comments:
Post a Comment