ЧОВЕКОТ...
...вреди колку неговите дела!

Расол за мамурлак или "поштено" добредојде

Почитувани интернет пријатели,
Овој веб простор е посветен за вас посетителите, кои случајно или не, сте се нашле на оваа веб локација.
Се надевам дека ке најдете доста интересни информации како за вас лично, така и за ваше убедливо маневрирање во вашето секојдневие.
Секое добро и не штедете се себеси.
Со почит
Јас,

Friday, August 22, 2014

Најголемата, највозвишената и најзначајна работа на која имам работено досега


Се што ќе кажам во овој текст можеби ќе звучи премногу пристрасно, под огромни импресии и афектуирано....
Иако несвојствено ќе си дозволам и да бидам субјективен.
Осамна и тој ден!

"
ОДЛУКА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ДУХОВНОТО КУЛТУРНО ДОБРО "КОПАЧКА-ТРАДИЦИОНАЛНО ОРО ОД С.ДРАМЧЕ, ПИЈАНЕЧКИ РЕГИОН" ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ОД ОСОБЕНО ЗНАЧЕЊЕ, ПОТКАТЕГОРИЈА ИСКЛУЧИТЕЛНО ЗНАЧЕЊЕ

Член 1
"Духовното културно добро Копачка-традиционално оро од с.Драмче, Пијанечки регион се прогласува за културно наследство со особено значење, поткатегорија исклучително значење.
Духовното културно добро "Духовното културно добро Копачка-традиционално оро од с.Драмче, Пијанечки регион" e една од варијантите на машкото соборско народно оро "Копачка" од Пијанечкиот регион која се издвојува со својата оригиналност и автентичност. Тоа е најбрзото и најдинамичкото пијанечко, но и македонско машко народно оро и претставува жива традиција на пијанечките собори, свадби, крштевки и други празнувања и прослави.
"Духовното културно добро Копачка-традиционално оро од с.Драмче, Пијанечки регион" се состои од 4 дела: "Шетаница", "Ситното", "Префрлачка" и "Копачка-копнување". Се игра на собор или свадба од неодреден број на играорци во 2/4 метар, од побавно со забрзување до екстатично завршно играње и претставува имитација на аграрниот процес како копање, ситнење и рамнење на земјата.
За духовното културно наследство од став 1 на овој член се утврдува режим на заштита од прв степен.
Член 2
Оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во "Службен весник на Република Македонија"."

Бр. 42-6070/3
1 август 2014 година, Скопје
Заменик на Претседателот на 
Владата на Република 
Македонија
м-р Зоран Ставревски, с.р.
"

Македонија, Македонскиот народ пред се, за цела вечност од сега па натаму декларативно со Одлука на највисокиот државен орган на една држава го доби првото заштитено оро кое е се уште живо помеѓу народот.
Копачката се играла, се игра и ќе се игра од нашиот народ уште многу, многу години.
Споменот на Соколот од Драмче, неговите другари, неговите претци од кои ја учел магијата на чекорите на сите делови од ова света човечка креација на многу генерации пред нашето време.
Владата на Република Македонија, по претходно спроведена долготрајна процедура за првпат од постоење на македонската држава и самобитност и воопшто за првпат во историјата на македонското постоење донесе една ваква одлука со која се става под заштита живо македонско народно оро кое егзистира на овие простори од памтивек.
Оваа постапка се надевам дека ќе биде еден своевиден урнек и поттик за многу вакви иницијативи за донесување на слични или исти одлуки. 
Македонскиот народ има со што да се горедее.... 
Традицијата, народните обичаи, песни, игри, верувања....
Се е тоа дел од идентитетот на нашиот народ.
Копачката од с. Драмче со оваа одлука де факто во огромна мера предничи над сите вакви богатства.
Со право можам да кажам: Горд сум на она што го направив. Горд сум на она што го направивме. Пред се горд сум на она што го правеле овие луѓе чии што материјални тела се дел од синџирот на опстојувањето на нашиот народ. Биле и се дел од Копачката...
Огромна благодарност за вработените во Министерството за култура на Република Македонија. Имиња нема да споменам затоа што знам дека нивната работа е нивната награда а не декларативни признанија.
Огромна благодарност за претходниот и актуелниот Градоначалник на Општина Делчево кои сесрдно ја подржуваа оваа иницијатива во секој нејзин аспект.
Првото скалило на верификација на постоењето на Копачката и нејзиното значење е поминато. Ова скалило значи огромен труд и посветеност. За оние кои не биле не знаат, колку непреспиени ноќи сме поминале, колку работа е инвестирано во овој подвиг.
Нескромно морам да ја истакнам својата благодарност на моето семејство за кое на почеток беше многу тешко да им објаснам што значи оваа моја работа, ангажман и трошење на слободното време кое навистина го немав во изминатите 6-7 години.

Огромно извинување до оние личности (се знаат кои се) со кои требаше да го минувам слободното време, а бев посветен на овој мој личен ангажман за и околу Копачката. Знам дека имавме многу несогласувања во тој поглед, но сепак мислам дека вредеше...

Не знам колку некој ќе го разбере ова но сепак сум го кажувал и пак ќе го кажам:
Она што ќе го направиме и оставиме во животот, останува за навек!

Иако кај мене е целата архива на фото и видео документација поврзана со интензивната работа на Копачката од с. Драмче во продолжение ќе споделам фотографии кои некако ми се најмили....
Остатокот од материјалите ќе биде предмет на обработка и публикување во иднина сукцесивно зависно од можностите и приликите.

Сонцето и утре ќе огрее.
Но со оваа верификација на "Духовното културно добро Копачка-традиционално оро од с.Драмче, Пијанечки регион" светлината ќе биде вистинска, топлината ќе биде на место, насмевките ќе бидат со своето време. 
Блесокот во очите на денешната генерација на Копачката ќе значи гордост.
Оваа генерација го постигна најголемиот успех досега во својот животен век!
Доследни на заветот на сите претходни генерации....
Да бидеш признаен од своите....
Знае ли некој колку е тоа тешко во животот да се постигне?

No comments:

Post a Comment

Blogger Widgets

Автори на блогот