ЧОВЕКОТ...
...вреди колку неговите дела!

Расол за мамурлак или "поштено" добредојде

Почитувани интернет пријатели,
Овој веб простор е посветен за вас посетителите, кои случајно или не, сте се нашле на оваа веб локација.
Се надевам дека ке најдете доста интересни информации како за вас лично, така и за ваше убедливо маневрирање во вашето секојдневие.
Секое добро и не штедете се себеси.
Со почит
Јас,

Thursday, October 23, 2014

На Димитар Узунски-носител на државна награда "23-ти Октомври" на Република Македонија

 

Веќе неколку пати се обидувам да го започнам овој текст, безуспешно, плашејќи се да не погрешам збор, реченица....
Во изминатите години имам напишано безброј говори, што политички, што за мојот град, што за медиуми, што за мене самиот.
Се чини овој текст ми е најтежок.
Не станува збор за направени или ненаправени нешта, не станува збор за градот, општината, за државата, за народот...
Станува збор за едно обично човечко срце.
Грутка надеж од која извира огромна топлина, бескрајна светлина...
Станува збор за едноставна насмевка, искрена, со љубов, со светлина во очите со едноставна човечка добрина, љубезност и интелект.
Учителот на многу генерации, човекот кој мојата баба го чекаше секоја недела на некоја од радио станиците на поранешната држава, додека копавме по нивите во моето село, прекрасниот Истевник....

-Ќирее! Пушти посилно Узуне пое!
Се развеселуваше жената, срцето и се полнеше... Тоа беше некаде во 1987-88 година....
Се уште се сеќавам на гласот на баба ми која се обидуваше да имитира некоја песна,за човекот кој тогаш поим немав кој е и што прави...
По некое време почнав сам да ја вртам фрекфенцијата на жолтото радио, кое ми беше синоним за песните на човекот кој не ги ни познавав....
Неколку години потоа, основно училиште 5-то или 6-то одделение...
Часови по Музичко образование а мене наставник Димитар Узунски...
Искрен да бидам по малку несериозно ги сваќав ваквите часови...Доаѓа човекот кој претходно го знаев од радио, по неговиот глас, со хармоника, и упорно се обидува да ми всади нешто што за мене беше како неважна и непотребна работа...
-Тактирајте: Прва, втора, трета, чета.... Почнавме да пееме, почнавме ритмика да фаќаме, почнав да читам литература за музичари, композитори....
Ми се чини вечен впечаток ми остави приказната за Моцарт, за Салиери, за кучето кое единствено на погребот го испратило својот господар-големиот Моцарт...
Животен белег од способноста на еден човек.... Толку многу ја засакав класичната музика и се поради оваа и повеќе вакви приказни, кои излегуваа од интелектот на мојот наставник...
Кон завршните години од моето основно образование започнав да свирам синтисајзер во училишниот оркестар, како секциска активност под раководство на мојот наставник...
Понекогаш ме нервираа четворките што ми ги ставаше како оценки мојот наставник, но од денешна перспектива, благодарен сум... Зошто ако на крајот на секое полугодие ако не се борев за петка, немаше да бидам ова што сум денес....
Благодарам за оваа убава лекција! 
После повеќе од 15-тина години, патиштата пак ни се вкрстија...
Јас, со никакви допирни точки со музиката, освен неколку неуспешни (но особено драги) обиди за создавање на свој бенд случајно или не налетав на Димитар Узунски...
За периодот од тој момент до денес нема да пишувам, зошто за тоа ќе треба книга да напишам (еден ден дај Боже)...
Но затоа накратко ќе напишам моја лична импресија за денешниот ден:
Стоејќи пред олтарот на македонската државност, демократија, симболот на македонското постоење, сега во овој момент, во толпа од многу непознати луѓе, и неколку познати личности, бев со цел да го удостојам со моето присуство чинот на доделување на највисоката државна награда за култура на Република Македонија. 
Човекот кој беше со својот дух од моментот кога го слушнав неговото пеење на радио во далечната 1987 година и тоа по заслуга на мојата баба, седеше на столот, устоличен пред својот народ, слушајки ги причините за почестите кои денес му се укажуваат.
Од некаде ми прозвуче гласот на мојата баба, на мојот дедо, на нивните 6 деца-моите тетки и вујко, на мојата мајка, на мојот татко, на мојот брат, на моите сестри... На моето потесно и пошироко семејство... На мојот народ... Од памтивек до ден денешен. Во трите знамиња на мојата држава кои стоеја простум во големата сала пред мене, го гледав лицето на мојот народ, во ангелскиот глас на хорот го слушав екот на времињата поминати над ова парче небо, наречено Македонија...
И се тоа во чест и слава на еден човек: ДИМИТАР УЗУНСКИ.
Обичен човек со добро срце, топла насмевка, од село Тработивиште, Општина Делчево, Република Македонија.
Човек со многу љубов кон она што го работи, со едноставна но истовремена суптилна способност да го пренесе духот на својата љубов кон традицијата на мојот/нашиот народ...
Знам дека наставникот Узунски не сака да биде глорифициран, поради неговата скромност.
Но, на денешниот ден ќе си дозволам да го наречам:
 ЖИВА ЛЕГЕНДА НА МАКЕДОНСКАТА ТРАДИЦИЈА ФОЛКЛОР И ПЕСНА.

За него ќе се слуша уште многу... За него ќе се пишува нашироко... Онака како што тој пишуваше и се уште пишува за другите...
Тоа е мое ветување и надеж....
Зошто легендите живеат преку нивното дело...
А делото на Узунски е епохална одлика на едно време, кое допрва ќе им пркоси на вековите!
Благодарам за твојата трпеливост, наставниче...
Кога ме учеше да го подметнувам палецот под третиот прст свирејки ја скалата на мојот синтисајзер...
Благодарам за спомените од моето минато, поврзани со тебе, за кои ми се чини дека се најдрагите...
Споменот на баба ми која одамна ја нема меѓу нас, како пее твои песни, гледајќи ја како му се радува на животот...
Споменот на сите оние  луѓе кои оставиле белег кај тебе, наставниче, спомен кој секојдневно го пренесуваш со својата појава.
Тоа се спомени што не се забораваат...
Се чини од сите мои досегашни реализирани многубројни проекти, овој проект ми е најдраг.
Зошто има срце, душа, љубов, човечност...
Има се што е потребно за еден вечен живот.
За крај на оваа моја посвета на мојот личен јунак на денешниот ден, и на многу останати денови, видео од една негова маестрална креација:

No comments:

Post a Comment

Blogger Widgets

Автори на блогот