ЧОВЕКОТ...
...вреди колку неговите дела!

Расол за мамурлак или "поштено" добредојде

Почитувани интернет пријатели,
Овој веб простор е посветен за вас посетителите, кои случајно или не, сте се нашле на оваа веб локација.
Се надевам дека ке најдете доста интересни информации како за вас лично, така и за ваше убедливо маневрирање во вашето секојдневие.
Секое добро и не штедете се себеси.
Со почит
Јас,

Tuesday, October 17, 2017

Дисторзиран дискурс

Го пративме, срамно да загуби, додека му кажувавме дека победува(ме)-гази(ме).
Му велевме дека ќе ја вратиме славата од старите времиња. Таа од 90-тите! Од АСНОМЦИТЕ, Илинденците, преродбениците, ајдутите, Марко Крале, онаа на Цар Самоил, Кирил и Методиј и учениците, Константин, Александар, Филип, Олимпија?, Персеј, Аминта.....
Онаа слава на чистото, исконското! Она што страдаше и мака мачеше против сите тогашни угнетувачки системи и околности. Најново и славата на основачите на распадот на недоволно доживеаната Југославија. Непосредно по неа и славата на тогашниот силен полициско-медиумски либерален болшевизам и божемна фер приватизација која ја клекна државата на колена.
Славата на минатото ни е особено важна и драга!
Лично сметам дека историјата треба да се остави на историчарите, но, сепак гледајки ја глобалната слика мислам дека може многу што да се научи од нејзе.
Да, ова последново е и тоа како лицемерна подвоеност на ставови во една реченица. Чисто да си бидеме доследни кон самите себеси.
Патем и за иднината мислевме.
Последно и победите почнаа да не изненадуваат. Не за друго, научени сме да губиме константно.
Толку сме заборавиле да се радуваме, што чекаме некој друг наглас да се израдува, па да му ја украдеме, прошириме и надградиме неговата радост како наша.
Заговаравме револуција на народот: Црвена, жолта, шарена, пеленска, и каква уште не. Цел живот ни е револуција... И кога спиеме сонуваме револуции...
Ние, седнати во кафулиња, ресторани, штабови, во кола на Водно, (Голак?, Банско), кои абер немавме од маките на народот. Народот ни беше лајт мотив само за политички романтизам. Со ПР филозофија требаше да му соопштиме на "дедото Никола" дека не е важно што старецот е остарен и уморен од чекањето да помине транзицијата, со внуците кои фатиле "џаде" и ужалостени синови и керки кои мака мачат како да ги исчистат долапчињата што дедото грижливо и со пот ги градел во минатото.
На кафе-шема со младите требаше масовно да се чудиме што да кажеме а да звучи продуктивно или во најмала рака паметно.
Креиравме мега-гига програми, реализиравме трипл-дабл отчети и кажувавме колку народот не сака.
И сето тоа од "центарот", "од горе".
Идевме "долу" по сопствена потреба и желба, дека му требаме на народот.

Препишувавме едни од други, се доусовршуваме преку падот на претходникот, мечтаејки и судбински креирајки подлога за уште поголем пад некогаш во иднина.
Одненадеж снемавме време за насмевка, за искрен поздрав на улица, за да прашаме и да узнаеме каде оди светот.... Оној вистинскиот, во калта, без канализација, без водоводи, без.....
Растот на стандардот не значи поголема потрошувачка моќ на граѓаните.
Растот на стандардот, првобитно,значи создавање на нова вредност во системот на самоодржливост, која генерира постојаност, плус некоја основна вредност која ќе биде генератор на позитивен општествен домејн.
Создадовме монструозен легислативен апарат, за кој децении ќе треба да поминат, за да го некој проучи и осознае. Но Џабе! Тој веќе ќе биде променет, подобрен, надграден, проширен.
Одевме (кога моравме) и помеѓу народот.
И народот пак ни се насмевнуваше, климаше со главата, добредојдени бевме. Дека гостопримлив....
Секој почеток, нова надеж, ама финишот ни е секогаш толку славен што пак мора да почнуваме од почетокот, од корените.
Аман со тие корени! Дајте нешто цветови, гранки, плодови...
А со плодовите доаѓаме до ерата на приватната сопственост. Која мноштвото ја имаат разбрано мноооооогу погрешно.
Само во еден егоцентричен правец.
ДООЕЛ со инвестициско-доверителски интереси и сфера на богатство и моќ родена врз основа на поделеност, конфронтација, кодошлук, лактање за превласт и глорификација на лидерот се додека работи за враќање на инвестираниот интерес.
-Комшија, се погодија јаболкиве годинава во твојот двор...
ГО РАСПНАВМЕ!
НЕ НА КРСТ.
ВО ВОЗДУХ. ГО ПУШТИВМЕ ДА ЛЕБДИ.
ЗАТВОРЕН ОД НАЈБЛИСКИТЕ КОИ ГО ЧУВААТ ЗА НЕГОВО ДОБРО.
Народот не се впушта во битки кои не ги разбира!
Вечната агонијата на непостоење на непријател т.е. паранојата дека сите ни се непријатели, направи да пукаме во невидено од удобните рововски дупки.
Утрината се будевме зјапајки во огледало, и не ни се веруваше во што гледаме.
Но Господ да чува, добро е! Имаме паста произведена кој знае каде, да ги исчистиме остатоците од подјадените усни од синоќешните кошмари. Вртиме грб на самите себеси и идеме во нови битки. ВО НОВИ ПОБЕДИ! КОЈА ОД КОЈА ПОГОЛЕМА!
Да! ВМРО не е политичка партија, и не треба да биде!
Тоа е надеж за слобода. Вечен идеал за припадност и препознавање на своите. Светлина и стремеж за подобро.
"Своите..." Не сакам да се свати како основа на поделба. Туку како специфично богатство вредно за негување и унапредување. Не од позиција на стоицистчки дефетизам. Туку од позиција на древна мудрост и знаење.
Додека паѓа погледот кон тастатурата на која копчињата веќе снемале букви, сваќам дека на носталгично инсталираниот winamp веќе повеќе од час и половина свири песната Dark paradise, во еден random-shuffle mode, кој безмилосно дроби од остатокот на времето кое ни преостанува на сите нас...
Крај?
Ова е само почеток.

No comments:

Post a Comment

Blogger Widgets

Автори на блогот